Хроника на градови

За Иванден Иванки само во Ресен

Православната црква и нејзините верници денеска (7 јули) го слават Иванден, празникот на раѓањето на Јован Крстител. Водата добива посебна моќ, па сите се капат во реките, потоците и езерата, билките и тревите имаат засилени лековити дејства и затоа се берат и се плетат венци од нив како лек против болести.

Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…

На овој ден жените берат цвеќиња и плетат венци и ги закачуваат на вратата , според народното верување ова би требало да ги штити од несреќа.

Секој град во државава има свој, специфичен начин на празнување на денот, а меѓу нив се издвојува Ресен каде празникот се одбележува со правење Иванки.

Првиот дел од празнувањето почнува на 5-ти јули со формирање на групи во кои има само девојчиња. Следниот ден, на 6-ти јули од рано наутро се собира цвеќе боливач кој се користи за украсување на ѓумот и правењето „Иванка“. Правењето „Иванка“ почнува со полнење вода во ѓумот од кој подоцна се прави „телото“ на „Иванката“. Во ѓумот, секоја девојка става прстен, обетка или друг дел од својот накит.

Главата на куклата може да се формира и од боливач или пак од помала чинија, врз кои потоа се става платно на кое се црта лик. На така формираната глава се поставува коса која често е природна и се чува во вид на плетенки од повозрасни жени во семејството. Овде на имагинацијата и нема крај, се со цел Иванката да биде што поубава.

По исцртувањето на ликот на главата на куклата „Иванка“,на куклата се става шешир, или пак се врзува со шамија. На телото од куклата „Иванка“ се става и фустан по избор на девојчињата. Целта е куклата што повеќе да сличи на девојка. Но, важно е да се знае дека паралелно, додека се изработува куклата „Иванка“, во куќата каде е групата девојки, во минатото се подготвувала и храна, ручек.

На денот на празничниот ручек, куклата „Иванка“ се поставувала на столица и имала почесно место крај трпезата сé до завршувањето на ручекот.

Празнувањето завршува квечерината, на 7-ми јули со растурање на куклата. Од водата во ѓумот девојчињата ги земаат своите предмети, накитот од кој очекуваат да им донесе здравје и среќа. За здравје се зема и од боливачот кој како билка се чува во текот на целата година.

Во последните неколку години видливо е заживувањето на оваа традиција, а инцијативите за маалските Иванки полека добиваат на масовност. На омасовувањето на овој за Ресен, специфичен обичај секако свое влијание имаат и активностите на Домот на културата „Драги Тозија“ кои последниве години избира најубава Иванка.

Сподели на:

Leave a Reply

Your email address will not be published.