Вести

Ивана Спасевска: Студирање и работа во Франција, услови и можности

После завршувањето на средното образование, матурантите се на своевидна животна раскрсница и исправени пред прашања и одлуки кои ќе им го дефинираат понатамошниот живот. Ако порано најголемиот дел од студентите се раководеја од желбата, денес се многу попрагматични и одлуките ги носат, зависно од можностите за вработување, престижот на универзитетот како шанса за подобро котирање на дипломираните на пазарот на трудот, цената на студирањето, но и заработката после дипломирањето.

Последната деценија се поголем е бројот на оние кои носат одлука образовниот процес да го продолжат надвор од земјава, посебно во земји каде трошоците за студирање, уписи и сместување на студентите не се многу повисоки од оние за студирање на домашните факултети.

Кои се условите за студирање на универзитетите во Франција?

Младата Ивана Спасевска од Неготино, со успех дипломира на Факултетот за генетика на Claude Bernard Lyon 1, подоцна магистрира на Ecole Normale Superiere на отсекот за Биомедицина и докторира на полето на Имуно-Онкологијата повторно на Claude Bernard Lyon 1. Денес е веќе активно вклучена на полето на научно-истражувачката дејност во областа Имуно-Онкологија во Франција.

Ја искористивме да биде наш водич на патот од запишувањето на факултет, до завршувањето и вработувањето.

Во Франција постојат три вида на високообразовни институции: универзитети, специјализирани школи (Ecoles d’ingénieurs) и високи школи (Grandes écoles) кои се сметаат за најпрестижни.

Уписите на универзитетите се веднаш после завршување на средното образование, додека за останатите две високообразовни институции уписите се многу потешки, а условите прилично ригорозни. Изборот се врши преку конкурс, а бројот на примени студенти е мал. За подготовка за конкурирање на специјализираните и високите школи во Франција неопходни се плус две години школување, после завршувањето на класичното средно образование. Овие две подготвителни години се classes preparatoires и најчесто се вклучени во гимназиите или специјализираните школи. Студиите траат пет години и најчесто се организирани 3+ 2, 3 години додипломски студии и 2 магистерски, плус 3 години евентуални докторски студии. На крајот од магистерските студии, мора да се реализира барем еден задолжителен тнк.стаж, односно практична работа во траење од 6 месеци. Секоја практична работа над два месеци, по француските закони мора да биде платена во износ од 570 евра. И овие пари секако се добредојдени. Студентите сами бараат пракса, преку конкурирање на огласи. Факултетот може да помогне со насоки каде и како да се конкурира, меѓутоа нема одговорност да најде практична работа за студентот.

Студентите можат да користат стипендии и критериум за тоа е социјалниот статус на родителите ( доколку не заработуваат доволно) или пак успехот на студентот.

За странските студенти на магистерски и докторски студии има можност за добивање на стипендии, а подетални информации на : https://www.ifs.mk/appel-a-candidatures-aux-bourses-du-gouvernement-francais-2020-2021/

Инаку, школарината е релативно ефтина и поднослива дури и за нашите можности и изнесува: 170 евра за додипломски студии, 240 евра за магистерски и 380 евра за докторски студии.

За македонски студенти уписот се врши преку Францускиот Институт во Скопје и покрај успехот постигнат во средното образование, се поднесува и документ за познавање на францускиот јазик.

-За бруцошите е скоро невозможна мисија сместувањето во студентски домови. Има студентски домови, убави се, но е ограничен бројот на легла, а предноста е наклонета на повозрасните студенти. Студентите од прва година најчесто приватно се сместуваат, но државата помага со околу 100 евра студентска субвенција за сместување, ни рече Ивана.

На факултетите во Франција не се учи од учебници, туку од белешки, материјали и презентации на професорите. Професорите се секогаш достапни за консултации и после редовните часови, остануваат дополнително за студентски прашања, но секако и електронска комуникација. За повеќето предмети студентите имаат и вежби кои ги држат асистенти, докторанти.

Полагањето е исклучиво писмено, анонимно, на листот стои само студентскиот број. Се полага во две сесии, после секој семестар. сите студенти полагаат во исто време, во текот на една седмица. И после три недели има сесија за преполагање. Оценувањето е ригорозно.

Но, најголем проблем за странските студенти се дозволите за престој. После завршување на студиите и истекувањето на студентската дозвола, може да се побара пролонгирање за уште една година, за време на која мора да најдете работа, и тоа не каква било, туку мора да имате договор за работа на неопределено време со плата повисока од 1.500 евра, што е минимална плата во Франција, со напомена дека работодавачите имаат дополнителни трошоци за вработување на странци, па се исклучително внимателни, го заврши Ивана своето објаснување за тоа како изгледа патот на еден македонски студент во Франција.

Денес Ивана е исклучително успешна, со соодветно работно место, силно ангажирана и со намера да гради кариера во научно-истражувачката дејност.

Сподели на:

Leave a Reply

Your email address will not be published.