Министерката за одбрана Радмила Шекеринска утрово го информираше својот словенечки колега, Матеј Тонин, за состојбата со пожарите и побара помош. Министерот Тонин порача дека Словенија е подготвена да помогне со сите свои капацитети за гаснење на пожари.
Во разговорот, министерката Шекеринска информираше за вклученоста на Армијата во справување со огнената стихија и изрази благодарност за подготвеноста на нашиот НАТО сојузник, Словенија, да помогне во справувањето со оваа елементарна непогода.
Министерот Тонин изрази жалење за состојбата и додаде дека во неволја се познаваат вистинските пријатели.
Комуникацијата на ниво на институции за координација на словенечките капацитети за помош во справувањето со пожарите е во тек, соопшти Министерството за одбрана.