Македонија

Пожарите во Кочани, Ранковце, Старо Нагоричани локализирани, но сеуште активни

Пожарите кои во текот на вчерашниот ден избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат.

Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.

Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.

Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на  Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење.

За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.

Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.

Премиерот Зоран Заев кој синоќа го посети Кочани, изјави дека со здружени сили се прави се да се надмине состојбата предизвикана од пожарите. Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока. 

– Важно е да знаат сите дека солидарноста во државата функционира. Целиот систем е ставен преку ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување со ППЕ и општинските штабови функционираат имајќи предвид дека само денеска се лоцирани 13 пожари коишто беснеат на територијата на целата држава. Беснеат и во соседството. Важно е да ги споделиме сите ресурси и важно е што сме сите активирани, истакна премиерот синоќа во Тркање, Кочанско каде беше придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во пожарите нема повредени лица, во смисла на изгореници или тешки повреди, но, има околу десетина лица кои се јавиле во кочанската болница паради тоа што вдишале чад.

Сподели на:

Leave a Reply

Your email address will not be published.