Култура

Со Чајковски започна 61-то издание на „Охридско лето“

Шеесет и првото издание на фестивалот „Охридско лето“ го отвори претседателот Стево Пендаровски.
– Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, а со тоа и сведоци дека надежта за човештвото опстојува – рече претседателот Пендаровски.

Од името на уметниците, традиционалната порака за 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ја пренесе уметничката директорка на Националната опера и балет, Олга Панго:
– Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста што секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници, ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето“. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во името на уметноста – порача Панго.

 Овогодинешното 61-во издание на фестивалот започна со свечена изведба на балетскиот гала концерт „Големиот Чајковски“.
Во текот на 40-те фестивалски вечери, на летните сцени на Античкиот театар, во предворјето на катедралната црква „Света Софија“ и на Долни Сарај, ќе продефилираат околу 500 уметници од 18 земји, а ќе бидат реализирани 34 уметнички концерти на врвни имиња од областа на музичката уметност и шест театарски претстави.

Спојот на врвни уметници и нотите од безвременските музички дела уште еднаш потврдија зошто Охридско лето се смета за еден од главните афирматори на врвната уметност во земјата.

Сподели на:

Leave a Reply

Your email address will not be published.