Економија

Усвоен ребалансот на Буџетот: Ќе има повеќе пари за здравство и за капитални проекти

Собранието со 56 гласови „за“ и 37 „против“, го донесе ребаланост на Буџетот за 2021 година.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на РС Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари и истите се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6%, односно за околу 21,2 милијарди денари повисоки во однос на планот. Се планира дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5% од БДП.

За Власта, буџетот е развоен и насочен кон стопанството и граѓаните, но и за реализација на капитални инвестиции.

-Ребалансот за 2021 е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата, рече министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението на Ребалансот на Буџетот и додаде дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст.

Со направените измени обезбедени се дополнителни средства наменети за здравството, инсулин за инсулино-зависни пациенти, набавка на вакцини преку COVAX механизмот, набавка на возила за транспорт и фрижидери за чување на вакцините и средства за опремување на вакциналните пунктови, како и набавка на опрема за испитување на квалитетот на мазутот што е во насока на обезбедување на чиста животна средина. Обезбедено е зголемување на средствата кои се наменети за поддршка на туризмот преку користење на ваучери за туризам, санирање на проблемот со Студенчишко Блато, поставување заштитна ограда на река Отиња, изградба на дел од водоводната инсталација за населено место Студеничани,  изградба на резервоар, пумпа и бунар за снабдување со чиста вода за пиење за населено место во село Стрмница, општина Желино, како и обезбедување  дополнителни средства во земјоделскиот сектор за мали семејни винарии.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 30 милијарди денари или за 5,7 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година.

Годинава  се очекува економијата да заздрави, при што растот е проектиран на 4,1 отсто. Значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање ќе имаат инвестициите. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката, се очекува да забележи реален раст од 4%, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3%. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6%, а увозот раст од 11% на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8%.

Буџетот е ликвиден. Има одлична реализација на приходите, што беше еден од основите на ребалансот, а расходите се реализираат редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата. Приходите од почетокот на годината имаат раст од 15,6 отсто во однос на истиот период лани.

Опозицијата пак останува на ставот дека прекроената јавна каса ќе го зголеми долгот на граѓаните и ќе ги втурне во уште поголема сиромаштија.

Сподели на:

Leave a Reply

Your email address will not be published.