Македонија

9 мај- Денот на Европа и годинава се одбележува со бројни активности

Денот на Европа 9 Мај, втора година по ред се одбележува во услови на пандемија на Ковид-19. Поради рестрикциите, во Брисел и годинава се ограничени можностите за прослава на Денот на Европа, но нема да изостанат многубројните онлајн активности, меѓу кои и онлајн дебати со амбасадорите на Европската Унија.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров ќе ја посетат канцеларијата на Еко Пошта, корисник на проектот ЕУзаОтпорност.

Како што е најавено, обраќање ќе има амбасадорот Гир, ќе бидат доделени наградите „Европејци на годината“, а ќе се одржи и дебата на средношколци од регионот со амбасадорите на ЕУ во земјите од Западен Балкан на фејсбук страниците на Делегацијата на ЕУ и Јуроп хаус.

Европското движење во Република Северна Македонија (ЕДРСМ) по повод Денот на Европа – 9 Мај денеска организира квиз на знаење за Европската Унија, на кој ќе учествуваат 16 студенти од универзитетите од целата држава. Квизот се состои од 30 општи прашања за Европската Унија. Вкупниот награден фонд е 350 евра, соопшти ЕДРСМ, кое дејствува во рамки на Меѓународното европско движење со седиште во Брисел.

Квизот ќе се реализира преку плафтормата Kahoot од 14 часот и ќе биде пренесуван во живо на фејсбук-страницата на Европското движење во РСМ.

Европското движење денеска го организира традиционалниот Марш на Водно. Стартот на маршот традиционално е закажан пред Европската куќа во 9 часот со краток церемонијален дел кога претставници на Европското движење и на Делегацијата на ЕУ ќе ги разменат македонското и знамето на ЕУ, а на група планинари и други заинтересирани граѓани, како и членови на Европското движење ќе им бидат доделени мали ЕУ и МК знамиња.

Центарот за европски истражувања и анализи Еуропроспера, по повод 9-ти Мај – Денот на Европа, ќе организира панел дискусија на тема „Дваесет години по потпишувањето на Рамковниот договор: Република Северна Македонија и патот кон Европската унија“. На панелот ќе учествува Артан Груби – прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Џабир Дерала – претседател на Здружение на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје и Џелал Хоџиќ – заменик директор на Агенција за остварување на правата на заедниците (АОПЗ).

По повод Денот на Европа, Здружението на граѓани Еко Логик, традиционално и оваа година организира „Вело родео“ настани кои се одржуваат во рамки на редовните активности на програмата „Вело училишта‘‘. 

„Вело родео“ претставува концепт на организирање настани на отворено, кои имаат за цел промовирање на велосипедизмот, со акцент на унапредување на постоечките и стекнување со нови вештини кај деца од различни возрасти. 

Во текот на одржувањето на сите настани, ќе биде поставена и изложба на пристигнатите цртежи кои беа дел од ликовните конкурси објавени во 2019 и 2020 година.

Денот на Европа – 9 мај, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ. Тогаш Шуман го презентира предлогот за создавање организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент.

Сподели на:

Leave a Reply

Your email address will not be published.